Огнот се шири кон запад, изгорени маслинови насади и пчеларници
Голем шумски пожар избувна синоќа околу 23 часот на грчкиот остров Тасос, во близина на Лименас, поточно во областа Гликади. Освен неа, погодени се и Пахија и Рахони, објавија грчките медиуми. Според „Грција Инфо“, огнот избувнал недалеку од пристаништето и се проширил толку брзо што бил видлив дури од Кавала.
„Според проценките, зафатена е голема површина со густа борова шума, каква што е карактеристична за островот“, информираше ‘Кавала Њуз’.
Медиумите јавуваат дека изгореле многу маслинови дрвја и пчелни колонии, а еден плажен бар во Гликади е целосно уништен од огнот. Засега стамбените објекти не се во опасност, освен еден хотел во Пачи кој бил евакуиран како мерка на претпазливост.
Туристите во паника, првиот ферибот натоварен со бегалци од островот
Голем дел од туристите паничеле и се упатиле кон пристаништето во Лименас, обидувајќи се да го напуштат островот. Првиот ферибот од Лименас до Керамоти рано утрово бил целосно натоварен со патници, а патот од Пахис до Лименас е затворен.
На возачите им се советува да користат алтернативна рута преку Лименарија – Потос – Потамија – Панагија, доколку се наоѓаат во Принос, Калирача или Мариес, за да стигнат до Лименас.
Градоначалникот повикува на смиреност: „Паниката не помага“
Градоначалникот на Тасос, Лефтерис Киријакидес, апелираше до јавноста да не шири паника:
„Ве молам прекинете со објави што создаваат вознемиреност. Тие внесуваат немир кај жителите и туристите без никаква корист. Целиот остров е застанат на првата линија. Потребна ни е координирана и смирена акција“, порача тој на Фејсбук.
Првиот авион слета во 5:50 часот – засилувања пристигнуваат преку денот
Првиот авион за гаснење пристигнал на Тасос утрово во 5:50 часот, а дополнителни противпожарни и полициски сили, заедно со волонтери, пристигнаа во Лименас меѓу 14 и 16 часот. Борбата со огнената стихија продолжува, додека локалните власти се надеваат на стабилизација во текот на денот.