Пукање на плажата Бонди во Сиднеј однесе најмалку 12 животи, а 29 лица се повредени, се последните информации од надлежните служби. Настанот во Сиднеј официјално е прогласен за терористички чин.

Според полицијата, еден од вооружените напаѓачи е убиен, додека вториот осомничен се наоѓа во критична состојба. Интервенцијата на безбедносните служби следела по хаосот што настанал на плажата, каде во моментот на нападот имало голем број луѓе.

Светските медиуми во меѓувреме објавија видео кое кружи на социјалните мрежи. На видеото се гледа како минувач совладува и разоружува еден од напаѓачите. Снимката, како што пренесува „Гардијан“, прикажува момент во кој напаѓачот е соборен на земја. Потоа, минувачот му ја одзема пушката.

Според официјалните информации, пукањето се случило за време на настан организиран по повод почетокот на Ханука, еврејскиот празник на светлината. На настанот, како што соопшти полицијата, присуствувале повеќе од 1.000 луѓе.