Вонредна состојба по катастрофалното невреме

Страшно невреме го погоди бугарското приморје, при што загинаа три лица, а властите прогласија вонредна состојба во општините Несебар и Царево.

Големи поплави и човечки жртви

Според официјалните податоци, една жртва е пронајдена во подрум на хотел во Елените, додека животите ги загубиле и багерист-доброволец кој расчистувал, како и граничен полицаец што се обидувал да спаси други луѓе. Штетите се огромни, а постои стравување дека бројот на загинати ќе се зголеми по повлекувањето на водата.

Уништена инфраструктура и прекини на струја

Во населбата Изгрев наврнале над 410 литри дожд на метар квадратен, а во Царево околу 225. Поплавите предизвикале уривање на мостови, оштетување на патишта и потопување на бројни објекти. Дел од населението е евакуирано, а војската работи на расчистување на реките и блокираните подрачја. Според властите, дополнителен фактор за поплавите било неисчистеното речно корито. Целиот регион се соочува со прекини во снабдувањето со електрична енергија.