Утрово се одржа „Покрсти“ во Драчево. Тоа е традиционален верски обичај кој секоја година се одбележува во скопско Драчево, на вториот ден од Велигден. Станува збор за традиција со длабоки корени, која во минатото била прекината во периодот од 1945 до 1991 година, но денес повторно се практикува и привлекува голем број верници.

Обичајот започнува во утринските часови пред црквата „Свети Спас“ во Драчево, каде се собираат учесниците. Поворката, предводена од свештени лица и деца облечени во бели одори кои носат крстови и икони, тргнува по рута долга околу десет километри. Таа поминува низ неколку ридови на кои се поставени крстови, како и покрај манастирот „Руса Среда“ на Пеленица, за на крај да заврши кај црквата „Света Петка“ на локалитетот Три Круши.

Суштината на обичајот е поврзана со молитва за бериќетна година, здравје и благосостојба. Учесниците, движејќи се од еден крст до друг, пеат традиционални песни и упатуваат молитви за плодност на полињата, како и за мир и среќа во домовите.

„Покрсти“ претставува дел од живото културно и духовно наследство на регионот, кое се пренесува од генерација на генерација и останува значаен симбол на заедништво и традиција.