Главниот град на Велика Британија денеска беше преплавен од стотици илјади луѓе кои се приклучија на демонстрацијата организирана од антиимиграцискиот активист Томи Робинсон. Колоната се движеше од јужниот брег на Темза кон Вестминстер, каде се наоѓа парламентот.

Демонстрантите истакнуваа британски и англиски знамиња, како и црвено-бели крстови на Свети Ѓорѓи. Меѓу толпата се забележуваа и американски и израелски знамиња, како и капи со слоганот „Make America Great Again“. На транспарентите имаше пораки со повици за враќање на мигрантите, а насочени критики беа упатени кон премиерот Кир Стармер. Некои учесници на протестот дојдоа со своите деца.

Во непосредна близина се одржуваше и контрапротест под слоганот „Застанете против расизмот“. Тој следеше по лето исполнето со судири и протести низ Британија околу темите за имиграцијата и слободата на говорот.

Метрополитенската полиција распореди повеќе од 1.600 службеници за да обезбеди ред, од кои околу 500 беа повикани од други полициски сили во земјата. Дел од нив се ангажирани не само околу протестите, туку и на обезбедување концерти и фудбалски натпревари од висок профил.

Неделава протестите се одвиваат по една недела откако речиси 900 лица беа уапсени за време на демонстрациите против забраната на групата „Палестинска акција“.

Прашањето за имиграцијата веќе го засени економскиот дискурс во земјата. Велика Британија се соочува со рекорден број барања за азил, а повеќе од 28.000 мигранти оваа година пристигнале со мали чамци преку Ламанш.