Погодена станбена зграда
„Непријателската авијација утрово изврши две рации врз јужните предградија на главниот град, во кои беше погодена станбена зграда во Харет Хреик, лоцирана во близина на џамија и болница“, соопшти Националната новинска агенција (ННА) на Либан. На нападите им претходеше израелски повик до жителте на две населби во јужните предградија да се евакуираат во очекување на претстојниот напад врз зградите во областа каде што се наоѓаат локациите на Хезболах.
Во меѓувреме, најмалку 73 Палестинци, меѓу кои и многу жени и деца, загинаа, а десетици беа повредени во израелските воздушни напади што погодија неколку згради во градот Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, објави Ројтерс, повикувајќи се на медиуми блиски до Хамас.
Повредени и исчезнати
Канцеларијата за медиуми на владата на Хамас во Газа соопшти дека десетици се повредени и исчезнати по воздушните напади. Лекарите велат дека воздушните напади биле насочени кон висококатница, а биле погодени и неколку куќи во близина.
Израелската армија соопшти дека ги проверува извештаите за жртви во нападите во северниот дел на Газа, објави и Ројтерс. Официјален претставник рече дека прелиминарните проценки за бројот на жртвите што ги објави медиумската служба на Хамас се претерани и не се совпаѓаат со информациите со кои располага израелската армија.
Палестинските здравствени власти соопштија дека спасувачките операции се отежнати поради прекините на комуникациите и интернетот втор ден по ред.
Повеќе од 100 Палестинци загинаа
Во саботата во израелските воздушни напади загинаа 108 Палестинци на различни локации во Газа, соопшти палестинското Министерство за здравство. „Ова е војна на геноцид и етничко чистење. Окупацијата изврши страшен масакр во Беит Лахија“, соопшти медиумската служба на Хамас, цитирана од Ројтерс.
Жителте и лекарите рекоа дека израелските сили ја зајакнале опсадата на Џабалија, најголемиот од осумте бегалски кампови во Појасот Газа, и испратиле тенкови во блиските градови Беит Ханун и Беит Лахија. Издадени се и наредби за евакуација на жителите. Израелските власти рекоа дека наредбите за евакуација имале за цел да ги одвојат борците на Хамас од цивилите и негираат дека постои систематски план за протерување цивили од Џабалија или други области.