Македонецот Зоран Настески направи херојски чин и спречи терористички напад. Тој совлада човек кој извикувал во авионот дека има бомба. Како што се гледа и на видеото, човекот извикува „Алах Акбар“, а Македонецот го спречува инцидентот. Настески видеото го прикачил од неговиот профил на Јутуб, како што може да се забележи. Инцидентот се случил вчера на лет на easyJet од Лутон до Глазгов.
Иако првично српските портали објавија дека станува збор за српски државјанин сепак се работи за Македонец како што ни јавувате вие во порака. Ова доведе до принудно слетување на преполн авион на аеродромот во Глазгов.
Се огласи и Настески за ТВ Стар. Тој го потврди инцидентот и даде свој став.
„Вчера утрото (27 јули) заминав на одмор во Глазгов, и десетина минути пред да слета авинот, покрај мене помина човек кој во рацете држеше кафе и телефон. Прво се исплашив дека ќе ме попари со жешко кафе, па се тргнав настрана. Потоа, почна да вика дека тој има бомба и ќе го собори авионот за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна. Патниците се исплашија, особено децата кои почнаа да врескаат, а се исплаши и екипажот. Јасно ми беше дека лажно се заканува и сакав да ги заштитам патниците. Станав, го соборив на земја, му го земав телефонот, и му ги држев рацете сѐ до слетувањето. Потоа, ми помогна уште еден патник, Англичанец, кој го држеше заедно со мене“, рече Настески за ТВ Стар во телефонски разговор од Глазгов.
Напаѓачот потоа беше врзан со лисици и шест полицајци го извлекоа од авионот, додека преплашените патници останаа во солзи.
Американскиот претседател моментално е во посета на таа земја и бил виден како игра голф за време на викендот.
Македонец спречи терористички напад на летот Лутон – Глазгов. Еден очевидец рекол дека одеднаш се разбудил околу 8 часот наутро, помалку од еден час по полетувањето од Лутон, кога еден човек излегол од тоалетот на задниот дел од авионот и почнал да прави врева.