„Како во логор, чекавме и вчера 9 часа, чекаме и денес“. Ова се само дел од коментарите кои новиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски ги слушна од граѓаните кои му се пожалија што се доведени во состојба да се понижувани и да плаќаат за документи кои уште им се важечки.
Тошковски денешниот работен ден го започна со посета на пунктот за промена на лични документи без закажување во ПС „Пролет”, за како што кажа, личнода изврши увид во работата на пунктот и да ја утврди фактичката состојба.
Тој праша зошто поголемиот дел од пунктовите стојат празни, на што вработените одговорија дека многу од колегите ги нема, нема доволно кадар, а тие се преоптеретени. Тој им се извини на сите присутни граѓани и порача дека ќе има решение.
Тошковски вчера вети дека ќе направи сè што е во негова моќ за да им помогне на граѓаните да не останат заглавени и без лични документи. Поради тоа, денеска оствари средба и со амбасадорката на Република Грција во земјава Софија Филипиду.