Министерството за внатрешни работи планира да го прошири проектот „Безбеден град“ со мобилни камери за контрола на брзината, како и со уреди вградени во полициските возила, кои ќе можат да регистрираат сообраќајни прекршоци и додека се во движење – најави денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој посочи дека досегашните анализи покажале оти поставувањето камери само на однапред утврдени локации нема да има доволно превентивен ефект. Целта е возачите да бидат свесни дека можат да бидат откриени доколку ги прекршат сообраќајните правила, без оглед на тоа каде се движат.
Според предлозите на експертите, постојните полициски возила треба да се опремат со камери што ќе ја мерат брзината на возилата во движење. Паралелно, планирана е и набавка на мобилни камери што ќе се поставуваат на таканаречените црни точки, односно на локациите каде што најчесто се случуваат сообраќајни несреќи со загинати и тешко повредени лица.
Тошковски рече дека ќе се работи на утврдување на сите критични сообраќајни точки низ државата, како во урбаните средини, така и на магистралните и експресните патишта.
Министерот за внатрешни работи најави и дека системот „Безбеден град“ во првата недела од декември официјално ќе започне да се применува и на подрачјето на СВР Струмица.
Следно на ред е СВР Штип, каде што активностите треба да завршат до крајот на годинава. По него останува уште подрачјето на СВР Битола, за чие опфаќање ќе бидат потребни најмногу месец до месец и половина.
Тошковски очекува до февруари системот „Безбеден град“ да биде воведен на територијата на цела Македонија.
Осврнувајќи се на критиките за проектот „Безбеден град“, министерот ги повика граѓаните да имаат предвид дека во изминатите 15 години во сообраќајни несреќи животот го загубиле повеќе од 2.000 луѓе.
Тој нагласи дека активностите за зголемување на безбедноста во сообраќајот нема да завршат со поставувањето на камерите, туку ќе продолжат и со други мерки насочени кон спречување на сообраќајните прекршоци и намалување на бројот на несреќи.
