Македонски државјанин е уапсен на албанска територија по инцидент на граничниот премин „Блато“ кај Дебар. Според албанската полиција, тој одбил контрола и се обидел да избега со возилото, загрозувајќи ги полицајците.
Од албанската полиција соопштија дека вчера околу 17:20 часот, лицето Г.К. (42), жител на Република Северна Македонија, при влез на албанска територија со својот автомобил „мерцедес“ било замолено да премине на втората линија за детална проверка, заедно со возилото.
„Тој го одбил барањето на полицајците и се обидел да избега со возилото, загрозувајќи ги нивните животи. Тој е фатен и уапсен“, соопшти албанската полиција, која објави и снимка од инцидентот.
Се додава дека осомничениот ќе одговара за кривичните дела „спротивставување на вршење на должност на службеник задолжен за јавниот ред и мир“ и „нелегално преминување на граница“, а автомобилот му е запленет.
Материјалите се предадени на Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Пешкопеја за понатамошни дејствија.
