Повеќечасовни застои, километарски колони и нервозни патници го одбележаа првиот понеделник од втората половина на јуни, кога традиционално почнуваат поголемите гужви на граничните премини кон Грција. Според сведоштвата на патници, за влез во земјата преку преминот „Богородица – Евзони“ утрово се чекало и до четири часа.
Фотографии и видеоснимки објавени на социјалните мрежи покажуваат долги колони возила од двете страни на границата, додека сообраќајот низ меѓуграничниот простор се одвивал многу бавно.
View this post on Instagram
На зголемените задржувања, покрај поголемиот број туристи по завршувањето на учебната година, влијаат и дополнителните процедури за патниците кои доаѓаат од земји што не се членки на Европската Унија. Според објавите на возачите, контролите траат подолго од вообичаено, што, во комбинација со високите температури, дополнително го отежнува патувањето.
Гужви се регистрирани и на другите гранични премини кон Грција. На преминот „Дојран“ колоните од вчера надминуваат еден километар, а патниците пријавуваат повеќечасовно чекање за излез од државата.
На граничниот премин „Меџитлија“ кај Битола засега нема поголеми застои, поради што тој во моментов е најприфатлива опција за патниците кои планираат да заминат кон Грција.
Надлежните им препорачуваат на патниците однапред да ја проверат состојбата на граничните премини, да тргнат со доволна временска резерва и да носат вода поради високите температури што се очекуваат во следните денови.
