Десетици илјади демонстранти денеска излегоа на улиците во Париз и во другите поголеми француски градови, изразувајќи го својот револт од недоволното буџетско финансирање на образовниот систем и наглиот пораст на животните трошоци. Демонстрациите беа проследени со полициски интервенции во неколку региони.

Полициските сили утрово мораа да употребат солзавец во Лион, каде што градските власти претходно издадоа забрана за одржување на јавниот протест. Слични инциденти се забележани и во Клермон-Феран, каде што припадниците на редот употребија шок-бомби и солзавец со цел да ги потиснат демонстрантите кои правеа обиди да пробијат кордон и да стигнат до самиот центар на градот.

Градската полиција во Париз извести дека и покрај движењето на протестната колона, ситуацијата на улиците засега се одвива релативно мирно. Со цел да се спречи сценарио со масовни грабежи, палење приватни возила и оштетување на јавни установи, полицијата воведе исклучително строги безбедносни зони, што предизвика сообраќаен колапс и затворање на неколку метро-станици.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека за одржување на јавниот ред се ангажирани до 70.000 полицајци поддржани од специјални оклопни возила, водени топови, како и хеликоптери и беспилотни летала кои го следат секое движење на толпата.

„Меѓу запленетите предмети имало метални топки, оловни куршуми, пиротехнички направи, прачки, челични топки и друго импровизирано оружје“, рече Нуњез.

Министерот информираше дека безбедносните сили уапсиле вкупно 135 лица низ целата територија на Франција и конфискувале разно импровизирано оружје, додавајќи дека досега не се регистрирани поголеми инциденти на рутата.

Пред почетокот на новиот бран масовни протести, сопствениците на кафулиња, продавници и ресторани сместени долж најавената траса на движење брзо поставуваа заштитни дрвени табли и метални панели на своите излози. Стравот од насилство и вандализам е резултат на неодамнешните протести, за време на кои беа демолирани и запалени објекти на познати светски трговски синџири и банки.