На 18 мај оваа година, три државни институции во Кина објавија извештај во кој уште еднаш ја нагласија забраната за примена на криптовалути во земјата.

Овој извештај не беше ексклузивен новитет, бидејќи забраните кои ги содржеше беа објавувани во претходните години, но сепак предизвика паника кај „трговците“ на крипто-берзата и цената на валутата драстично опадна.

Но, извештајот опфаќа и услуги кои претходно не беа споменати во претходните забрани. На пример, станува јасно дека институциите во ниту еден случај не смеат да прифаќаат виртуелни валути или да ги користат како средство за плаќање и порамнување. Државните институции исто така имаат забрана да обезбедуваат услуги за размена помеѓу самите крипто-валути, а ниту пак со државниот јуан или друга светска државна валута.

Дополнително, на институциите им е забрането да обезбедуваат и услуги за заштеда на криптовалути или да издаваат производи кои се на било каков начин поврзани со тоа. Виртуелните валути исто така не смеат никако да се користат со инвестициски цели од страна на разни фондови.

На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како кинеските „рудари“ ги гаснат своите машини по оваа забрана, а пораките кои ги испраќаат припадниците на неформалната „биткоин заедница“ се дека токму оваа валута е иднината, а не владините „фиат пари“.

Овие лица својата можност за заработка ќе ја бараат на друго место, а фаворит помеѓу локациите на кои најверојатно ќе се преселат за сега е државата Тексас во САД, која им нуди најповолни услови.