Денеска во Уставниот суд треба на гласање да се стави уставноста и законитоста за употребата на Законот за јазици. Уставниот суд ќе расправа одделно за сите 25 членови на законот.
На оваа тема разговаравме со комуникологот Бојан Кордалов кој детално ја објасни тематиката околу јазиците.
Правото ја регулира политичката одлука која била донесена. Зошто до крај не се изрегулирало правилно е клучното прашање. Самата влада кажа дека што и да се случи ќе донесе законско решение и ќе ги почитува одредбите од Уставниот суд, започна Кордалов.
Кордалов е дециден дека јазиците не смеат да бидат тема на поделби.
Јас би сакал да видам комуникација која вели „ќе ги почитуваме законите и институциите“ и ако нешто не е правилно ќе го вратиме на вистинскиот пат. Во минатото сме се изнагледале закони кои паѓале од технички причини. Тоа дава до знаење дека политичкиот интерес е поголем од било што друго. Тоа не смее да ни се случува, јазикот не смее да нѐ дели, рече Кордалов.
Тој спореди преку личен пример од Брисел како се употребуваат јазиците таму.
Уште се делиме на тема како да се употребува јазикот. Јазиците мора да се прифатат како начин за комуникацицја и разбирање меѓу луѓето, дециден е Кордалов.
Кордалов смета дека економијата треба да биде клучот на соживотот и економскиот напредок за сите.
Треба да покажеме економски напредок за сите. Ако во средиштето ја ставиме економијата и профитот тогаш ќе одиме напред. Ако во средиштето ја ставиме политиката, тогаш ќе бидеме таму каде што сме, заклучува комуникологот Кордалов.
Како пример за зрела комуникација Кордалов го посочи примерот меѓу синдикатите и премиерот за минималната плата.