Решителна и поефикасна борба против корупцијата, реформи во судството, повисоки плати и пензии, поддршка за младите, стопанството, најави денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на стартот на кампањата за парламентарните избори.

Во обраќање на настанот „Нема откажување од европската иднина“ во присуство на носителите на листи во шесте изборни единици упати пораки дека нема откажување од патот за членство на државата во ЕУ кое рече дека ќе се случи до 2030 година но со проевропска влада што ќе ја формира СДСМ.

Ковачевски оцени дека програмата на СДСМ и Коалицијата е реална и остварлива и оти нема откажување од неа додека секој ред од неа не стане реалност.

– Нема веќе да има предмети по фиоки. Конечно ќе го спроведеме и ветингот на судиите и јавните обвинители кому тоа му се допаѓало или не ќе започне од кандидатите на листата во Изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите и ќе се пресели и кај судиите, и кај обвинителите и кај сите оние кои во изминатите 32 години згрнаа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот. Се обврзуваме и ветуваме целосна реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и на останатите реформи во судството за да има правда за сите, рече Ковачевски.

СДСМ и Коалицијата за европска иднина ветуваат просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра кои со влезот во ЕУ проектираат дека ќе достигнат до 1.300 просечна, односно до 800 евра минимална плата. По 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, едноцифрена бројка на невработеност од седум проценти до крајот на мандатот.

-Ќе обезбедиме просечна пензија од 30 илјади денари и минимална пензија од 20 илјади денари кои исто така со влезот во ЕУ ќе бидат зголемени. Ќе има и многу други пакети мерки за поддршка на пензионерите бидејќи тие тоа го заслужуваат. Компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра, рече Ковачевски.