Досегашниот премиер Димитар Ковачевски му ја предаде функцијата на претседателот на преодната влада, Талат Џафери.

„Денес го реализиравме примопредавањето на функцијата претседател на владата на РСМ согласно законските обврски за организирање на техничка влада чија што основна задача е да организира и спроведе слободни, демократски и фер претседателски и парламентарни избори. Сите започнати политики треба целосно и континуирано да се реализираат. Очеувам посветеност во работата, концентрација на сите во владата и во оваа насока сметам дека работата ќе биде на највисоко ниво“, порача Ковачевски.

Повика владата и сите во неа, без разлика на партиската припадност, да работат во интерес на граѓаните, на економијата, на безбедноста и на стабилноста.

„Владата успеа да воспостави систем кој функционира во време на криза, политиките се поставени, мерките се јасни, очекувам сите да покажат јасна политичка волја за да се поддржи и одржи и економската и политичката стабилност и да се спроведат мирни, фер и демократски избори како што доликува на држава членка на НАТО и држава со отпочнати преговори со ЕУ“, истакна Ковачевски.

Според него, изминатите две години не биле воопшто лесни.

„Тие беа години на исклучително голема европска па и светска економска и енергетска криза, но и покрај тоа направивме многу и никого не оставивме сам“, подвлече Ковачевски.

Вчера со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието ја изгласа техничката Влада, по речиси двочасовна пленарна дискусија. Премиер во преодната Влада е Талат Џафери од ДУИ.  На засебна седница се констатираа и заменик-министрите, како и дополнителните заменик-министри. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за изборот на Влада, иако доби дваjцa министри – за внатрешни работ и за труд и социјална политика.

До формирањето на нова Влада до крајот на јуни, земјата ќе ја води техничка Влада. Парламентарни избори во земјава ќе се одржат на 8 мај, а претседателски избори на 24 април.