Претседателот на Владата , Димитар Ковачевски денеска се обрати пред јавноста во врска со актуелната украинска криза.
„Сведоци сме на немили настани кои сметавме дека се далеку од нас, и кои верувавме дека никогаш нема да се повторат на нашето и европско тло. Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе неколку животи силно го осудуваме“ истакна Ковачевски.
Според него, ваквите потези на Русија се прекршување на меѓународното право и закана за евроатланската безбедност.
„Во овие турбулентни времиња, сакам да ве уверам дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Македонија. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно ќе ги информира граѓаните“
Како што вели тој, Македонците треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, „ние уживаме и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот“.
„Ве уверувам, нашата земја е безбедна!“ вели тој.
Економските предизвици
Според Ковачевски, најголемите предизвици за државата се економските.
Поради воените дејствија, глобалната економска и енергетска криза се продлабочува. Не очекува неизвесна година, каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети. Ги следиме од блиску промените во светските економски текови и ќе делуваме во интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните.
Како што вели тој, Владата ги овозможи сите ресурси и енергија да се пренасочат кон справување со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството.
„Ги покачуваме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите“ додава тој.
Тој вели дека Владата ќе работи за заштита на економијата, на животниот стандард на граѓаните, а секој денар од буџетот ќе биде насочен за полесно да го пребродиме овој бурен период од нашата историја.