Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид оствари билатерална средба со неговиот косовски колега Албин Курти, кој допатува во земјава за да учествува на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што се одржува по покровителство на ЕУ.
Како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски му посака добредојде и успешни разговори на Курти, како важен чекор за консолидација на регионот и неговата европска интеграција.
Премиерот Ковачевски го поздрави учеството на Косово во дијалогот со Србија и во однос на актуелниот европски предлог за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово, заеднички беше заклучено дека е исклучително важно да се вложат сите напори за изнаоѓање решение и забрзување на евро-интегративниот процес, кој е важен за сите земји од Западен Балкан, се наведува во соопштението.
На средбата, Ковачевски нагласил дека Македонија е пример за земја која по пат на добрососедство, дијалог и компромис постигна историски договори кои го трасираа патот на нашата земја кон Европската Унија и НАТО.
Токму тој пристап обезбеди членство во НАТО, одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во јули минатата година, како и целосна заштита на македонскиот јазик, идентитет и македонските идентитетски обележја, се наведува во соопштението.
Ковачевски ја реафирмирал поддршката на Македонија на евроатлантските аспирации на Косово и подготвеноста да даде свој придонес во оваа насока.
Ковачевски и Курти се согласија дека воените дејствија и раздори карактеристични за Балканот, треба еднаш засекогаш да станат минато, а регионот да се движи кон напредок, добрососедство и градење на силна економија која значи подобар стандард за сите граѓани, се додава во соопштението.