На скандалите и криминалот на хибридниот режим им нема крај. Секој ден имаме нов скандал од најкриминална власт. Овој нов скандал кој е поврзан со Министерството за внатрешни работи и Царината ја дава целосната слика зошто Република Македонија е на 111 место на скалата на индексот за корупција на Транспаренси Интернешнл, рече денеска во изјава за медиумите членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
Во продолжение интегрален текст и видео од изјавата на Ковачки:
-Пред точно 1 месец медиумите објавија вест дека во полициска акција е спречен шверц со психотропни супстанци, кои влегле во Македонија преку скопскиот аеродром.
Се работи за шверц на 1 тон дрога која била внесена во Македонија преку македонска компанија, која се занимава со телефонска галантерија.
Затоа легитимно ќе поставиме неколку прашања поврзани со овој скандал:
Прво, дали на 5.11.2021 година на скопскиот аеродром во делот на стоково царинење пристигнала пратка чиј товарен лист и декларација било забележано дека станува збор за телефонска галантерија, а во таа пратка имало друга роба?
Под два, дали оваа сомнителна пратка била прегледана од надлежните царински работници на Аеродромот во делот за стоково царинење, и доколку не била прегледана со какво образложение не била?
Три, дали можеби претпоставените на царинските службеници им дале усна или писмена наредба за да не постапат?
Под четири, дали царинските службеници кои биле одговорни за контролата на сомнителната пратка на барање на полициските службеници на 5-ти ноември година дале изјави со кои потврдиле дека царинската контрола на пратката од Дубаи не е извршена врз основа на наредба на претпоставениот царински службеник, а три дена подоцна истите под силен притисок истата изјава целосно ја промениле?
Еден месец целосен молк од страна на Министерствот за внатрешни работи и Царинската управа за овој шверц. Цел тон дрога не забележан од никого од скопскиот аеродром се упатил кон својата дестинација.
Најзасегнатите за овој случај, Јавното обвинителство исто така молчат.
Јавноста очекува одговори на овие прашања. На криминалот и корупцијата мора да им се стави крај. За овој случај мора да има одговорност, порача Ковачки.