Сторијата на Асошиејтед Прес ги направи кравите од Крива Паланка славни на меѓународно ниво.

Стотиците крави што слободно талкаат и прават хаос во град во Крива Паланка и предизвикувааат револт кај земјоделците станаа славни и во светот.

Тие се спуштаат од околните ридови, главно ноќе, уништувајќи градини и земјоделски култури додека ја задоволуваат својата глад.

Со години, жителите на Крива Паланка – град со околу 19.000 жители во североисточниот дел на Македонија, каде што земјоделството е значајна дејност – се соочуваат со стадо добиток што слободно талка. Бројот на животните пораснал на над 1.000 грла, кои уништуваат имот и ја загрозуваат егзистенцијата на луѓето, пишува АП.

Не станува збор само за земјоделските култури. Жителите велат дека кравите што слободно се движат претставуваат сериозен ризик за водоснабдувањето на градот, како и за возачите на патот што води кон соседна Бугарија.

Многумина ја обвинуваат бирократската заплетканост во државата за тоа што не е спроведена одлуката на Агенцијата за храна и ветеринарство од 2024 година, со која се наложува одземање на стадото од неговите тројца сопственици.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, изјави дека дури и кога надлежните презеле правни дејствија против еден од сопствениците, бирократските пропусти довеле до неуспех на постапката, овозможувајќи му на сопственикот да остане на слобода.

Митовски вели дека на жителите им е преку глава, па затоа организираат протести за да ги принудат властите да преземат мерки.

Тој бара од конзервативната влада на премиерот Христијан Мицкоски да прогласи 30-дневна вонредна состојба во општината, за надлежните конечно и трајно да го решат проблемот со добитокот.

„Бројот на добитокот се зголеми од 400 пред четири години на повеќе од 1.000 денес“, изјави Митовски за агенцијата Асошиејтед прес (AP).

„Формиравме кризен штаб, бидејќи заклучивме дека со години ниту една од надлежните институции не покажала волја, посветеност, ниту пак капацитет и ресурси за да го реши овој проблем.“

Пензионерот Лазо Стаменковски (71), кој живее на периферијата на градот, изјави дека добитокот уништил повеќе од 150 дрвја во неговиот овоштарник.

„Тие постојано ги уништуваат земјоделските култури во мојата градина, талкаат по магистралата и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот на патот што води кон Бугарија“, изјави Стаменковски за Асошиејтед прес (AP).

Неколку жители од населба на периферијата на градот велат дека вината не е кај животните, туку кај системот. Тие наведуваат дека некои револтирани жители ги тепале кравите, а во одредени случаи дури и ги колеле.

„Владата е одговорна за сè што ни се случува. Не само оваа влада, туку и сите претходни влади“, изјави за AP Венка Николовска (59), домаќинка од Крива Паланка. „Сите страдаме – и луѓето и животните.“

Видеото е на Еуроњуз