Крвави немири го зафатија Непал по блокадата на социјалните мрежи – 19 лица загинаа во судирите меѓу полицијата и демонстрантите. Според извори од полицијата, 17 луѓе загинале во Катманду, а двајца во источниот град Итахари. Локалните медиуми јавија дека министерот за внатрешни работи поднел оставка поради бројните жртви.
Пред зградата на парламентот во главниот град се собраа илјадници граѓани, најмногу од „генерацијата З“. Тие протестираа против забраната на платформи како Фејсбук, Икс и Јутјуб, но и против, како што рекоа, авторитарниот однос на властите. На транспаренти беа испишани пароли „доста е“ и „крај на корупцијата“.
Министерот за комуникации Притви Суба соопшти дека полицијата морала да примени сила за да ја растера толпата – водени топови, палки и гумени куршуми. Владата тврдеше дека ограничувањето е воведено за да се спречат лажни вести, говор на омраза и онлајн измами.
Непалските власти минатата недела наредија блокирање на 26 платформи поради непочитување на рокот за регистрација во Министерството за комуникации и информатичка технологија. Од петокот, корисниците имаат тешкотии да се приклучат на најпопуларните мрежи. Владата инсистира дека не воведува целосна забрана, туку дека платформите треба да се усогласат со националното законодавство.