Од Косово пристигнуваат шокантни снимки од вооружен напад што вчера ја потресе јавноста – двајца мажи биле застрелани во автомобил, додека напаѓачот, вооружен со автоматско оружје, бил уапсен откако сам се предал.

Според организацијата „Заклетва за правда“, која го објави видеото од настанот, на снимката се гледа маж облечен во долга јакна како одеднаш истрчува од гаража и пука со автоматско оружје кон џип во кој седеле две лица. Под оган, возилото удира во ѕид од зграда, а напаѓачот фрла едно од оружјата и продолжува да пука со друго. Неколку секунди подоцна, кога на местото пристигнува полицијата, вооружениот маж ги крева рацете и клечи без да пружи отпор.

Локалните медиуми јавуваат дека еден од застреланите е во критична состојба, а другиот надвор од животна опасност.

„Полицијата на местото пронајде две пушки АК-47 и два пиштоли. Напаѓачот имал при себе вкупно 129 куршуми“, соопшти косовската полиција, пренесува Телеграф.

Повеќе извори наведуваат дека осомничениот е член на семејството на лице убиено во Клина пред три години, а нападот се поврзува со крвна одмазда. Основниот суд во Пеќ претходно ги осуди обвинетите во тој случај на 44 години затвор, по што тие биле пуштени од притвор.

Според првичните сознанија, вооружениот напаѓач го чекал џипот на паркингот веднаш по објавувањето на пресудата. Еден од ранетите е обвинет во тој предмет, а другиот, според медиумите, е негов роднина.

Обвинението ги товари петмина мажи за убиството на Ф.Х. во село во близина на Клина на 28 април 2022 година, извршено од одмазда. Судењето е во повторна постапка, откако првично обвинетите беа осудени на вкупно 84 години затвор.

Полицијата и натаму го истражува мотивот и околностите на нападот.