Кумот на премиерот Ковачевски, Горан Паунов, се повлече од позициите овластено лице и извршен член на одборот на директори на „АЕ СОЛАР АД ТЕТОВО“, компанија која ќе гради фабрика за производство на соларни панели за фотоволтаични централи во тамошната индустриска зона, пишува „А1он“.
На местото на Паунов, на овие две позиции доаѓа Германецот Александар Мајер. Мајер е извршен директор на германската компанија „АЕ Солар“, фирма – мајка на бугарската „АЕ Солар Хоризон АД“, која заеднички со компанијата на Паунов, „Пиксел Гроуп“, влегуваат во милионската инвестиција во тетовскиот ТИРЗ.
Покрај Мајер, овластено лице во „АЕ СОЛАР АД ТЕТОВО“ се’ уште останува поранешниот заменик – министер за енергетика во Бугарија, Илко Георгиев Јоцев, кој се води како сопственик на бугарската фирма.
Увидот во историјатот на тетовската компанија во Централниот регистар покажува дека промени има и кај неизвршните членови на одборот на директори, кои имаат овластувања да вршат увид во книгите и документите на друштвото, имотот, благајната, стоките и хартиите од вредност. Од оваа функција, на 19 ноември се повлекла и Мирјана Паунова, сопругата на Паунов. На нејзино место, седна Надица Младеновска – Крцкоска.
Младеновска – Крцкоска е актуелен претседател на Асоцијацијата на независни проценувачи. Јавно достапните податоци покажуваат дека три години била член на Управниот одбор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, на предлог на компаниите кои се дел од зоните.
„Именувана е со одлука на Влада на 28 јануари 2020 година, а разрешена на 9 февруари 2021 година, по барање за смена на член од самата компанија Кондево“, пишуваат од „А1он“.
Но, како што објаснуваат од Дирекцијата, Управниот одбор нема влијание во одлучување на висината на државната помош и неговата улога во целиот процес е на самиот крај. Тоа значи дека по одлуката на Владата за доделување на државна помош и барањето од компаниите за исплата, независни ревизорски куќи проверуваат дали трошоците се оправдани. Откако ревизорските куќи ќе дадат „зелено светло“, сумата за исплата ја потврдува и Управниот одбор. Сега Младеновска – Крцкоска, од позиција на неизвршен член во компанијата „АЕ СОЛАР АД ТЕТОВО“, ќе може очекува државна помош од институцијата во која до речиси до две години беше дел од Управниот одбор.
Увидот во документите во Централниот регистар покажува дека промените во управувачката структура се направени на одржаното Собрание на Акционерското друштво на 19 ноември. Промените следуваат откако три недели претходно, „А1он“ објави дека новоформираната фирма на кумот на премиерот, ќе гради компанија за производство на соларни панели. Зона во која компанијата може да аплицира и да добие даночни ослободувања, но, и државна помош.
Постапката е следна: компанијата треба да поднесе барање до Дирекцијата со 10 годишен план за инвестиција. Секторот за државна помош и контрола на извршување на договорите при институцијата го разгледува барањето, по што започнуваат преговорите. Согласно проектот за инвестиција, Дирекцијата одлучува и колкава е максималната сума која евентуално компанијата може да ја добие како субвенција. Потоа „зелено светло“ треба да даде и Комисијата за заштита од конкуренција, по што барањето треба да стигне на адреса на Илинденска број 2. Последен филтер кој треба да донесе одобрение или не, се владата предводена од Ковачевски и институциите кои се дел од неа.
Компанијата на Паунов, „Пиксел Гроуп“, сепак, останува ко-сопственик во инвестицијата и покрај неговото повлекување од функциите во тетовската компанија. Што всушност може да значат овие промени?
Во одлуката од одржаното Собрание на компанијата, со која се донесени одлуките за смена на Паунов, се наведува дека извршните членови ќе го застапуваат и претставуваат друштвото, односно сите документи треба да бидат потпишани од двајцата извршни директори. Во случајот тоа се Германецот Александар Мајер и Бугаринот Илко Георгиев Јоцев.
Досегашната пракса на потпишување на договорите помеѓу Владата и компаниите во индустриските зони, покажува дека преговорите на компаниите кои аплицираат за државна помош најчесто ги водат менаџерите, овластените лица во компаниите дома или од мајките – фирми од странство.
Тоа значи дека доколку „АЕ СОЛАР АД ТЕТОВО“ аплицира за државна помош, Паунов најверојатно нема да биде дел од преговарачкиот процес со институциите, ниту пак, неговото име ќе стои на потпишаните договори за доделувањето на државната помош. Иако на крај, државните пари ќе завршат во компанијата во која тој има удел.