Денеска пред нас се наоѓа информацијата за содржина на предлог преговарачката рамка. Еден целосен циркус овде во Собрание за предлог да го разгледуваме на кој не му е местото овде затоа што не доаѓаше овде кога требаше да се договара како ќе изгледа оваа преговарачка рамка. Овие луѓе кои што немаат ни доблест да седат овде ја преговараа, ја договараа оваа формализирано понижување за Македонија. Еве овде е само почитуваниот господин Бојан Маричиќ, но го нема Ковачевски, го нема Османи. Народот од вас очекуваше една работа, ако сте се нафатиле да ги средувате овие работи, да покажете барем малку способност. Нула способност и нула капацитет. Поради вашата неспособност добивме вакво формализирано понижување“, истакна Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.
Лефков додаде дека власта својата неспособност ја прикрива со предавството и со продажбата на македонските национални интереси.
Погледнете каква разлика има помеѓу македонската преговарачка рамка и преговарачката рамка за Албанија. Тоа е ваш целосен неуспех. Ваш целосен неуспех е тоа што имаме правна креативност. Па, првата меѓувладина конференција за Македонија е правно креативна и поделена на два дела. Тоа е ваш неуспех Бојан Маричиќ. Првата меѓувладина конференција за Албанија ќе биде прва меѓувладина конференција и ќе биде отворена преговарачката рамка. Меѓутоа тоа нема да важи за нас. Зошто? Поради неспособноста на Бојан Маричиќ, на Османи и на Ковачевски. А, кажав веќе еднаш спонзорот на цело ова е Заев. Затоа што ова предавство го има договорено Заев. И не знам како имате лице со оваа неспособност да доаѓате овде во Собранието. Преседан невиден, да се дели првата меѓувладина конференција на два дела“, нагласи Лефков.
Тој посочи дека има различно врамени фундаменти. Ако се погледне преговарачката рамка во кластерот фундаменти или т.н. темелни вредности кои што се сржта на новата методологија, што се содржат поглавјата 23 и 24 и кои први треба да се отворат, а последни се затвораат поради неспособноста на Бојан Маричиќ и таму за Македонија има различен пристап од оној кој што го има за Албанија.
Единствено вие за што сте способни е за криминал, да лажете и да крадете, да пљачкосувате. И затоа вие од власта ни приредувате вакво национално предавство, за да можете да ја прикриете двојната и тројната штета која ја правите на Македонија. Имаме преговарачка рамка која што е украсена со креативни решенија од прв и втор дел. Имаме преговарачка рамка која што е украсена со годишни прегледи и мерки, тоа го нема во преговарачката рамка за Албанија“, нагласи пратеникот.
Лефков укажа дека власта е време да се замисли колку се ефективни и зошто во фундаментите кај Македонија стои дека годишните прегледи ќе се градат според членот 12. А, во членот 12 се и јазикот, културата, историските прашања и идентитетот.