ТВ 24 стапи во контакт со член на религиознaта  група Лев Тахор која престојува во Куманово, а последниве денови предизвика бурни реакции и интерес во јавноста.

Од религиозната група велат дека се прогонувани од повеќе држави поради нивната религија и нивните верувања, но ги отфрлаат сите обвинувања кои ги имаат во други земји дека злоупотребувале деца. Не се опасни и велат дека ретко ја напуштаат нивната куќа каде што престојуваат, само кога треба да одат во продавница.

Од групата ги демантираат сите информации во јавноста дека киднапираат или злоупотребуваат деца, во Канада 18 месеци траела истрага против нив, но не пронашле ништо.. Секојдневно доаѓале социјални работници и психолози, а поради притисоците ги напуштаат постојано државите.

За тоа до кога ќе седат во Македонија, немаат информација. Тука имаат легален престој од 90 дена.. Но ТВ 24 ги сретна сопствениците на куќата каде што престојуваат и тие велат дека религиозната група ќе го напушти Куманово уште утре, но не кажаа поради кои причини.

Првиот човек на Куманово, Максим Димитриевски за ТВ 24 вели дека еврејската секта која ненадејно се досели во овој град е добредојдена, се додека се однесува според правилата и прописите.

Од МВР пак информираа дека групата е привремено во Куманово, а сите се со легални патни исправи и со легален престој. Според нив групата не претстаува никаква опасност за жителите.

Станува збор за група од околу 30 члена, а десетина се сместени во оваа куќа, другите се распределени на други локации. Според разговорите кои ги имавме со соседите од оваа улица, велат дека тие ретко го напуштаат домот каде што престојуваат, односно само кога имаат потреба, но дека секојдневно пред оваа куќа каде што престојуваат се собираат граѓани, соседи, кумановци, кои што ги интересира што прави оваа религиозна група токму во Куманово.

Групата Лев Тахор се противи на државното уредување и живеат по свои правила. Оваа група до минатата недела престојувала во Сараево, но според тамошните медиуми, не и било дозволено да го продолжи престојот, па се упатиле во Македонија.