Кандиатот за градоначалник на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски утрово гостуваше на Радио Лидер. Тој одговори на критиките дека е „олигарх“ и „човек на олигархијата“. Вели дека во битката за градоначалник влегува да направи промена, а не да заработи како некои затоа што моментално на својата работна позиција заработува повеќе од градоначалничка плата.

Не сум олигарх како што ме претставуваат, како и секој граѓанин сум со пар кредити. Факт е дека мојата сегашна плата е далеку поголема отколку градоначалничката плата. Плус имам и бенефиции од компанијата. Но, ме води тоа да имам уште едно делче од мозаикот. Да знам дека кога ќе се повлечам кога ќе поминам низ моето маало дека луѓето ме препознале, вели Лукровски за Радио Лидер.

Тој вели дека со задоволство го прифатил предизвикот, а со дисциплинирана работа Општина Карпош може да личи многу подобро.

Верувам во себе, добро размислив пред да го прифатам предизвикот, знам дека ќе успеам. Знам дека кога се сака, се може. И децата така ги учам. Ако ја знаат целта и ако се дисциплинирани прашање на време е за колку години ќе стигнат до целта, додаде тој.

Тој одговори на критиките дека „не бил член на ВМРО-ДПМНЕ“. Баш напротив, тој бил активен во оваа партија уште од неговата полнолетност.

Формирањето на нашата држава и формирањето на ВМРО-ДПМНЕ коинцидираше со мојата полнолетност. Јас бев еден од првите членови на ВМРО-ДПМНЕ во моето маало. Најверојатно како млад човек ме понесе патртиотизмот. Јас бев активен 7-8 години.

На новинарското прашање „кои се најголеми проблеми на Карпошани“ тој даде одговор:

На луѓето им смета градбата, популарно кажано бетонизацијата, сметот, паркингот, аерозагадувањето, безбедноста. Низ оваа кампања ми се потврдува дека безбедноста е нарушена, нарушен јавен ред и мир, палење стоваришта, кучиња скитници. Во 21 век имаме проблеми кои не треба воопшто да бидат тема на муабет.

Погледнете ја целата емисија со Сотир Лукровски: