Мајами направи изненадување откако со 4-1 во партии го елиминираше Милвоки кој имаше најдобар скор во регуларниот дел од сезоната во НБА, синоќа жешките славеа со 128-126, мечот имаше едно продолжение.

Милвоки како најдобар се пласираше во плејофот, но таму се сопна на првата пречка. Мајами уште еднаш покажа дека како одминува сезоната игра во се подобра и подобра форма.

Во последниот период Милвоки влезе со 16 поени предност, но Мајами го стопи водството на противникот и се избори за продолжение, а во него беше подобар за конечен резултат од 128-126.

Батлер продолжува со одличните игри, овојпат постигна 42 поени. Одлична партија имаше Адетокумбо кај Милвоки со 38 поени и дури 20 скокови, но тоа не беше доволно за да се остане во игра, одличен беше и Мидлтон со 33 поени.

Конференциско полуфинале избори и Њујорк кој со 106-95 славеше на гостувањето кај Кливленд и ја доби серијата со 4-1. Брансон со 23 поени беше најдобар кај Њујорк, Мичел постигна 28 поени за Кливленд.

Лејкерс не ја искористи првата меч топка, загубија на гостувањето кај Мемфис со 116-99. Тимот од Лос Анџелес води со 3-2 и во следниот меч на свој терен ќе брка пласман во следната фаза. На овој меч, Бејн од Мемфис беше најдобар со 33 поени и 10 скокови, Џа Морент постигна 31 поени, имаше и 10 скокови, во составот на Лејкерс, Дејвис постигна 31 поен, имаше и 19 скокови.

Голден стејт направи брејк против Сакраменто, победи на гостински терен со 123-116 и поведе со 3-2. Стеф Кари со 31 поен беше најдобар, кај домаќините Фокс реализираше 24 поени.

Кливленд – Њујорк 95-106 (1-4), Мемфис – ЛА Лејкерс 116-99 (2-3), Милвоки – Мајами 126-128 (1-4), Сакраменто – Голден стејт 116-123 (2-3).