По тој повод се празнува и споменот на Методија Андонов Ченто првиот претседател на независна Република Македонија. На покана на Талат Џафери денес на споменикот на Ченто во центарот на Скопје цвеќе положи и семејството на Ченто, поточно мајката и таткото на Јане Ченто, кој неправедно е осуден како и неговиот дедо на долги години затвор за настаните од 27 април.

Во изјава за Инфомакс неговата мајка испрати моќна порака, но и честитка до сите Македонци по повод празникот Илинден.

– Овој ден е голем празник за Република Македонија, овој празник треба да не обедини сите и конечно да дојде до вистинско национално помирување. Оттука од пред споменикот на мојот дедо, Методија Андонов Ченто ги повикувам сите политички елити да соберат сили и да покажат дека помирувањето не се само празни зборови на телевизија. Денес стоиме пред споменикот на човекот кој беше неправедно осуден на долги години затвор за Република Македонија, а потоа рехабилитиран. Денес и мојот син Јане Ченто е осуден на долги години затвор само затоа што си ја сака Македонија. Нанесена е огромна штета и голема неправда и таа неправда треба да се исправи час поскоро. Да не се дозволи повторно рехабилитацијата да биде предоцна. Ги повикуваме политичарите да соберат сили и преку предметот за настаните од 27 април да ставиме крај на македонските делби, да си простиме и да тргнеме напред. Илинден е духот на македонската борба, но и помирување. Уште еднаш апелирам до политичките елити да се изнајде решение за нашите деца кои лежат невини во македонските затвори. Мојот дедо одлежал неправедно за Македонија да не ги повторуваме истите грешки и неправди. Им го честитам празникот Илинден на сите Македонци во мое име, семејството на Методија Андонов Ченто и лично од мојот син Јане Ченто, вели мајката на Јане Ченто.