Скопјанецот Зоран Настески, кој живее во Англија, го соборил на земја патник кој на лет од Лондон до Глазгов се заканувал дека има бомба
Скопјанецот Зоран Настески, кој подолго време живее и работи во Англија, го соборил на земја патник кој на летот на „Изиџет“ од Лондон Лутон до Глазгов врескал дека има бомба, дека ќе го собори авионот, и извикувал пароли како „Смрт за Америка“, „Смрт за Трамп“ и „Алаху акбар“.
Настески интервенирал непосредно пред слетувањето. Го задржал патникот на земја сè до моментот кога авионот слетал на аеродромот во Глазгов, каде што го привела шкотската полиција.
Индискиот Јутјуб канал NDTV објави видео на кое се гледа како Настески го соборува патникот. Тој се слуша како вика дека носи бомба и дека ќе го урне авионот. На видеото се слуша и навредување на американскиот претседател Доналд Трамп. Настески го објави видеото и на својот јутјуб канал.
„Вчера утрото (27 јули) заминав на одмор во Глазгов. Десетина минути пред слетување, човек покрај мене носеше кафе и телефон. Прво се исплашив дека ќе ме попари со кафе, па се тргнав. Потоа, почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот за да ја докаже погрешноста на политиката на Трамп. Децата почнаа да врескаат, и екипажот се исплаши. Јасно ми беше дека лажно се заканува. Сакав да ги заштитам патниците. Станав, го соборив на земја, му го земав телефонот и му ги држев рацете до крај. Подоцна ми помогна и еден Англичанец, кој го држеше со мене“, изјави Настески во телефонски разговор од Глазгов.
Откако слетале, на пистата пристигнале пожарникари и полиција. Тие го уапсиле 41-годишниот патник кој се заканувал со експлозив. Настески раскажа дека една жена ја снимала целата сцена и подоцна му ја испратила. Откако снимката стана вирална на социјалните мрежи, беше преземена од индискиот медиум.
Зоран Настески по потекло е Македонец по татко и Србин по мајка. По десет години престој во Англија, најавува дека за неколку недели ќе се пресели во Србија заедно со партнерката.