Окружниот суд во Хасково му одреди притвор на 19-годишниот Хамза Дарлишта, македонски државјанин, осомничен за обид за пренесување фалсификувани банкноти во вкупна вредност од 98.500 евра преку бугарско-турската граница.

Според информациите, на 19 октомври, при контрола на граничниот премин „Капитан Андреево“, царинските службеници во поставата на неговата јакна пронашле 300 банкноти од по 200 евра и 385 банкноти од по 100 евра, за кои постои сомневање дека се фалсификувани.

Судот оценил дека не постои опасност осомничениот да го повтори делото, но дека постои ризик од бегство поради сериозноста на обвинението, неговото странско државјанство и фактот што нема постојана адреса и престој во Бугарија.

Одлуката за притвор може да биде обжалена пред Апелацискиот суд во Пловдив.