Маж со комбе прегазил луѓе во центарот на британскиот град Нотингем, пренесуваат медиумите. Во инцидентот има најмалку тројца мртви и неколку повредени.

Полицијата откри дека нешто по четири часот утрото добила пријава за загинати луѓе на улица. По пристигнувањето, пронашле две мртви лица. Потоа добиле дојава дека комбе удрило во други три лица во блиската улица, кои се повредени. Потоа добиле пријава за уште еден починат, исто така на улица.

Жена која сведочи за инцидентот, раскажала како утрово видела комбе како удира двајца луѓе на улица во Нотингем.

„Во пет и пол видов комбе како застанува покрај мене. Беше бело. Полициско возило полека доаѓаше зад него. Човекот на возачкото седиште погледна во ретровизорот и го виде полициското возило зад него. Потоа удри луѓе на аголот на улицата“ изјави Лин Хагит за вестите на Канал 4.

Началничката на тамошната полиција, Кејт Мејнел, изјави дека се работи за страшен инцидент, во кој се одземени три животи.

„Сметаме дека сите три инциденти се поврзани и дека лицето што тоа го сторило е во притвор. Оваа истрага е во рана фаза и тим детективи работи на утврдување што точно се случило. Ги молиме граѓаните за трпение додека траат истрагите. Засега многу патишта во градот се затворени и ќе останат затворени додека трае истрагата“, рече таа.

Уапсен е 31-годишен маж. Како што наведуваат британските медиуми, во оваа фаза нема индиции дека се работи за тероризам, но дека трите инциденти, најверојатно, се поврзани.