Најмалку две лица загинаа, а шестмина беа повредени во ноќниот напад со беспилотни летала врз поширокото подрачје на Москва, кој руските власти го опишаа како „масовен“.

Гувернерот на Московската област, Андреј Воробјов, соопшти дека биле соборени 249 беспилотни летала и дека избувнале пожари во неколку станбени згради и во еден магацин. Оштетена е рафинерија за нафта во самата Москва, а два аеродрома воведоа ограничувања во сообраќајот, пренесува Би-би-си.

Последици од нападите во Русија

Во неделата, Воробјов преку „Телеграм“ прецизираше дека 44-годишна жена загинала во Софијно откако дрон удрил во трикатна зграда, при што биле повредени уште пет лица, меѓу кои и две деца. Тој исто така потврди дека постар маж загинал во приватна куќа погодена во областа Орехово-Зујево.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, извести дека дрон удрил во зграда во близина на градски булевар и потврди дека е оштетен објект во рафинерија за нафта. Претходно, Собјанин соопшти дека биле соборени 152 дрона додека се движеле кон Москва.

Најголемиот московски аеродром Шереметјево ги предупреди патниците на „привремени ограничувања“, а на аеродромот Внуково привремено беа суспендирани сите пристигнувања и полетувања.

Оттогаш на социјалните мрежи се појавија снимки на кои наводно се гледаат експлозии на ноќното небо и запален магацин, но Би-Би-Си не можеше да ја потврди нивната автентичност.

Украина известува за руските напади

Во исто време, украинските власти известија за жртвите од руските напади во саботата. Шефот на киевската област Тимур Ткаченко потврди дека во нападот на градот Фастив загинале мајка и нејзините две мали деца, а биле оштетени и неколку приватни куќи.

Во североисточниот регион Суми, четири лица загинаа откако руски дрон удри во автомобилот во кој се возеле, изјави локалниот функционер Олех Хрихоров.

Русија и Украина ги интензивираа меѓусебните напади во последниве недели, а мети обично се енергетската и транспортната инфраструктура и големите логистички центри. Рускиот претседател Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.