Повеќе од 40.000 Бугари излегоа на протестот кој ескалираше
Демонстрациите против предлог-буџетот за 2026 година во Софија добија насилен карактер уште пред нивниот формален старт во 18 часот, кога илјадници граѓани се собраа на Плоштадот на независноста. Повеќе од 40.000 Бугари излегоа на протестот кој ескалираше. Околу 22 часот протестната колона се упати кон седиштето на ДПС, каде што тензиите дополнително се зголемија. Од коалицијата ПП–ДБ обвинија дека ескалацијата била предизвикана од организирани провокатори.
Разбиени канцеларии, запалени контејнери и оштетена инфраструктура
Во округот Обориште демонстранти насилно влегле во канцеларија на партијата ГЕРБ, додека низ централните улици биле запалени канти за отпадоци, искорнати столбови, скршени ламби, знаци и оштетени трамваи. Полицијата се обидувала да ја раздели толпата, а кон припадниците на безбедносните служби биле фрлани тешки предмети. Во инцидентите биле повредени и новинари од јавната телевизија. Пратеничката Елисавета Белобрадова изјави дека „околу 25 момчиња со качулки вршат вандализирање и полицијата може да ги запре ако сака“, истакнувајќи дека пожарите не биле соодветно адресирани од службите.
Погледнете го видеото кое ексклузивно пристигна до редакцијата на радио Лидер.
Радев бара оставка и предвремени избори
Во својата јавна реакција, претседателот Румен Радев оцени дека насилството претставува „провокација од страна на мафијата со цел судир меѓу полицијата и демонстрантите“, нагласувајќи дека „единствениот излез се оставка и предвремени избори“. Паралелно со протестите во Софија, демонстрации се одржаа и во други бугарски градови, како и во странство, со исто барање – повлекување на буџетот поднесен до Националното собрание.
