Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во „Клик Плус“ најави целосна трансформација на Владата, доколку ги добие изборите и стане премиер по парламентарните избори.

„Планираме една сериозна трансормација на Владата, и треба да има рекомпонирање на истата согласно потребите и модерните времиња. Цениме дека Министерството за економија е преголемо, и не одговара соодветно на потребите на модерните времиња, па од тука наместо да имаме сектор за енергетика, рударство и минерални суровини, имајќи во предвид барањата на граѓаните, едно ново Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Надворешната трговија цениме дека треба да биде заедно со МНР, и тоа да биде Министерство за надворешни работи и надворешна трговија. Туризмот, кој е на ниво на одделение или сектор на Министерството за економија, да биде доделено кај Министерството за култура, па да имаме Министерство за култура и туризам, затоа што нашиот туризам се темели на историското културно наследство и природните убавини, планините и езерата. Министерството за труд и социјална политика да биде Министерство за социјална политика, демографија и млади, а трудот да го вратиме во Министерството за економија. Планираме јасно Министерство за дигитализација, или проект СМАРТ Македонија, и тоа ќе биде главен приоритет. И ценам дека спортот како главен амбасадор, треба да добие свое министерство, и ќе има Министерство за спорт“, рече Мицкоски.