Ова денеска го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој ја посети индустриската зона Жабени.
-Ќе ве молам да оставите на времето да покаже која ќе биде таа голема странска инвестиција, која што во наредниот период ќе дојде и ќе инвестира овдека во Битола. Да не бидеме како тоа што го правеше Зоран Заев и Владата на СДСМ, лиферувајќи имиња од типот на голем германски инвеститор во автомобилската индустрија, па Фејсбук, па Гугл, па последно на едно наше заедничко соочување ИКЕА ја споменуваше, и уште ред други имиња кои што ги споменуваше. Не би сакал да наликувам на човек што споменува имиња бидејќи и самите тие нормално дека не би сакале да се открие тоа име. Но, јас сакам да откријам и со сигурност да кажам дека во периодот кој што следи идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и идниот градоначалник Тони Коњановски ќе донесат голема странска, мултинационална компанија која што ќе инвестира и ќе обезбеди во почеток неколку стотици, а во подоцнежна фаза и повеќе од неколку илјади нови работни места овде за Битола и за битолчани, и за Пелагонија, она што е за нас многу важно, нагласи Мицкоски.
Нагласи дека тие се влада која и во минатото и во иднина ќе се занимава за решавање на проблемите на граѓаните, Влада која што ќе создава услови за инвестиции, Влада која што ќе ја развива Македонија.
Мицкоски воедно им се заблагодару на битолчани за големиот успех во првиот круг, за мнозинството советници во Советот на Општина Битола кои што доаѓаат од коалицијата за „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ недвосмилено победи, освои најголем број гласови во Советот на Општина Битола. ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг овдека во Битола и во трката за градоначалник, Тони Коњановски победи во првиот круг и ќе победи во вториот круг за тоа што на битолчани им е преку глава веќе од лаги, криминал, предавства, од корупција, од неуспеси во здравството, од нереформирано образование, од сето она што се случуваше изминативе 52 месеци во Македонија, но и сето она што се случуваше изминативе четири години овдека во Битола, посочи тој.