Комплетниот состав на Судскиот совет да се разреши со законски измени – ова е една од опциите според најавите на министерот за правда Кренар Лога за како што рече враќање во нормала по скандалите кои од неодамна го следат ова тело.
Прашан за извештајот на ОБСЕ и Антикорупциска кој детектираше негативни оценки за судскиот систем и висока недоверба во Советот но и случувањата при разрешувањето на Весна Дамева од претседател, Лога вели дека за вакви законски преодни одреди за престанок на мандатот на членовите ќе бара поддршка од власта и опозициските партии во Собранието.
-Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело. Повеќе информации ќе добиеме во следните денови, откако ќе разговарам и со опозицијата во Собранието. Ако има вакви законски измени, тоа ќе биде со консензус во Собранието со сите политички партии. Затоа, ова е една од опциите кои што може ние да ги имаме како решение, изјави – Кренар Лога – Министер за правда.
Засега лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека ќе го поддржи предлогот за престанок на мандатот на членовите на Судскиот совет доколку е во согласност со законите.
-Треба да се видат законите дали такво нешто го дозволуваат, дали е возможно и на кој начин тоа се прави. Дека таа институција не ги оправда очекувањата, дека таа институција дополнително го девалвираше судството тоа е факт, и цела македонска јавност тоа го гледаше како тие кои требаше да се грижат за правдата имаат неправда на самата седница. Се што е во рамките на законот ВМРО ДПМНЕ ќе поддржи, изјави – Христијан Мицкоски – Претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Од Судски совет нема коментар за ваквите најави. Ова тело сега има 11 членови откако пред десетина дена оставки поднесоа судиите Мирјана Радевска – Стефкова и Зоран Герасимовски образложувајќи ги со нарушени меѓучовечки односи, разидување во идеологиите и превирањата околу разрешувањето на Дамева.