Мирисот на чад што се чувствува во некои делови од Скопје, доаѓа од пожарот што се одвива на планината Жеден некаде во атарот на селото Бојане, пожар што од тетовска страна сега полека се префрла кон скопска страна. Пожарот е на тешко пристапен терен, соопшти попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов преку видео-порака.

Тој додаде дека како поддршка на скопските пожарникари, во гаснење на пожарот се вклучени и колеги од Тетово.

– Очекувам во попладневните часови да биде воспоставена контрола врз овој пожар, тежок за гасење – додаде Ангелов во изјавата.

Од ЦУК претходно изјавија дека зачаденоста што попладнево е забележлива во Скопје е од ветерот што го носи чадот од пожарот што гори на Китка во општините Студеничани и Зелениково, а на кој денеска дејствувал хеликоптер на МВР.

Ангелов предупреди дека пожарникарите се исцрпени, дека со денови се борат со огнените стихии и дека немале ден одмор бидејќи со денови има повеќе тешки пожари и во Скопје и во Тетово.