Аеродром е првата општина што воведе системска селекција на пластичен отпад

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, оцени дека во првите 100 дена од мандатот се реализирани значајни реформи, при што општината се позиционирала како лидер во екологијата и управувањето со отпадот.

„Први во Скопје воведовме системска селекција на пластичен отпад во домаќинствата, не како акција, туку како трајно решение“, напиша Митески на својот Фејсбук профил, објавувајќи и видео од активностите.

Според него, со оваа мерка е подигната еколошката свест кај граѓаните и се воспоставува континуирана селекција на отпадот.

Инвестиции во образование и инфраструктура

Во изминатиот период е усвоен најголемиот и најкапитален буџет во историјата на општината, со што се обезбедени средства за проекти што подолго време чекале реализација. Во образованието е отворена нова училишна зграда во ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, реконструирани се училишни објекти и започната е изградба на нова спортска сала, со што се подобрени условите за учениците и наставниот кадар.

На инфраструктурен план, стартуваше реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, изградени се нови паркинг-простори, а засилени се контролите на бучава и комуналниот ред, со цел унапредување на квалитетот на живеење.

Зазеленување и социјални мерки

Општината спроведе и активности за зазеленување, поставување фитнес-зони на отворено и обновување на детски игралишта. Исчистени се над 600 тони отпад и диви депонии, како дел од пошироката еколошка стратегија.

Во делот на социјалната политика, воведена е еднократна финансиска помош за новороденчиња, како и програмата „Нула комуналии – прв дом за млади“, насочена кон поддршка на младите семејства.