Мицкоски и Орбан на средба во Будимпешта: Зајакнување на односите и поддршка за Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта одржа средба со неговиот унгарски колега Виктор Орбан во рамки на унгарско-македонскиот владин самит. По разговорите, двајцата премиери одржаа заедничка прес-конференција на која ја потврдија силната соработка и стратешкото партнерство меѓу двете земји.

Мицкоски по средбата со Орбан: Унгарија е поддржувач на македонската европска иднина

Мицкоски истакна дека Македонија одамна ја заслужила својата европска перспектива, но дека пристапниот процес сè уште не бележи напредок.

Нашата стратешка цел е да станеме дел од европското семејство, но процесот на пристапување во ЕУ останува закочен. Македонските граѓани вложија многу за оваа цел, а цената што ја плативме како држава е огромна. Наместо европеизација, сведоци сме на билатеризација на преговорите. Верувам дека со поддршката од нашите пријатели, како Унгарија, ќе го забрзаме овој процес и ќе добиеме шанса да преговараме според вистинските копенхашки критериуми, изјави Мицкоски.

Финансиска и инфраструктурна поддршка од Унгарија

Премиерот нагласи дека разговорите со Орбан опфатиле и теми поврзани со економската поддршка што Македонија ја добива од унгарската влада.

Финансиската помош од Унгарија се користи за изградба на патишта, булевари, училишта и градинки, со што се придонесува кон модернизацијата на државата. Дополнително, разговаравме за идни инфраструктурни проекти и зацврстување на меѓудржавната соработка во оваа сфера, рече Мицкоски.

Безбедносна и воена соработка

Мицкоски по средбата со Орбан изјави дека дел од разговорите биле посветени и на можноста за зајакнување на безбедносната соработка меѓу двете земји.

Посебно внимание посветивме на дискусиите меѓу министрите за внатрешни работи и одбрана за идната воена соработка, развојот на воените индустрии и заеднички настап на трети пазари, додаде македонскиот премиер.

Орбан – поддржувач на Македонија

Мицкоски изрази благодарност до Орбан, истакнувајќи дека унгарскиот премиер повеќепати покажал интегритет и искрена поддршка за Македонија.

Виктор Орбан е човек со силни ставови, чиј збор тежи. Почитувам лидер кој знае да инспирира. Му честитам за економските резултати, инвестициите и успешната реализација на капиталните проекти во Унгарија, заклучи Мицкоски.

За средбава повеќе нашиот медиум објави и утрово.

Мицкоски се сретна со Орбан: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат билатералните односи

Извор: Курир