Квалитетот на домашните универзитети бара сеопфатен системски пристап, со посебен фокус врз обезбедувањето современа инфраструктура и соодветни услови за студирање во земјата.

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Унијата на млади сили, Тодор Конески, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, ги анализираше прашањата поврзани со студентскиот стандард, образовниот систем и граѓанското учество на младите. Тој потенцираше дека актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ уште од самиот почеток ги поставува младинските прашања на високо ниво, што се потврдува со формирањето на посебен министерски ресор.

„Ова е првиот тестамент дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски, младите ги става во центарот на своите политики“, вели Конески.

Конески се осврна и на договорот потпишан меѓу Министерството за локална самоуправа, ИНОВА и државните универзитети, преку кој студентите стекнале практично искуство во општинските структури во текот на август и септември.

„Студентите од универзитетите ги поврзавме со локалните самоуправи. Тоа беше една интересна политика, со којашто успеавме младите професионалци да ги поврзиме со своите локални самоуправи, да бидат практиканти и додадена вредност на локалните самоуправи. А од друга страна, локалната самоуправа да добие еден оперативен бонус во својата работа. Младите се авангардата на ова општество и најголемата додадена вредност на ова општество и кога ние можеме успешно да ги вметнеме младите во процесите кои се одвиваат во локалната самоуправа, ние можеме да добиеме една локална самоуправа, којашто може да размислува на покреативен и пофункционален начин. Неопходно е во локалната самоуправа да ги вметнеме младите“, истакна Конески.

Тој оцени дека креирањето успешен образовен систем бара усогласување на цела низа општествени фактори, пофалувајќи ја тековната соработка со ресорното министерство.

„Тоа е еден цел мозаик на фактори, коишто треба успешно да се спојат, за да можеме да креираме успешен образовен систем. МОН работи одлично во таа насока, досега има 13 студентски иницијативи коишто биле поднесени до МОН, од кои 12 се прифатени. Тоа значи дека МОН има слух за проблемите на студентите и како да се решат и е кооперативно кога доаѓа до нови решенија, за коишто студентите сметаат дека се корисни“, кажа Конески.