Најмалку 16, а според некои извори дури 29 луѓе загинаа а повеќе од 85 други се повредени во судар на патнички и товарен воз во централна Грција ноќта кон средата, а спасувачките тимови до утрото ги евакуираа патниците од запалените вагони, пренесуваат грчките медиуми.

Несреќата се случила околу полноќ под сѐ уште не разјаснети околности на станицата Евангелисмос, на повеќе од 200 километри северозападно од Атина. Патничкиот воз тргнал во 19,22 часот по релацијата Солун – Лариса.

По судирот настанал пожар, а три патнички вагони излетале од шините. Најмалку 25 од повредените се во критична ситуација, објави јавната телевизија ERT, повикувајќи се на Василис Батракогијанис, портпарол на Противпожарната служба.

„Вагоните 1 и 2 не постојат“, изјавил претставник на регионалните власти во областа Тесалија потврдувајќи дека од силината на ударот вагоните излетале од шините пред тунелот Темпи и опишувајќи дека меѓу жртвите има изгорени до непрепознатливост и осакатени.

Според пораталот на весникот Proto Thema, во патничкиот воз кој доаѓал од правецот на Атина имало околу 430 патници.