Морбидни детали: Ритуал на колена, истрели во ноќта и мистериозен пожар
Случајот со шест жртви, кој в.д. главниот државен обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов, го опиша како „почуден од Твин Пикс“, добива официјална разрешница. Бугарската полиција и обвинителството на брифинг ја потврдија верзијата дека дел од починатите извршиле самоубиство.
Властите презентираа шест снимки од надзорни камери од последните три дена пред трагедијата кај хижата „Петрохан“ и под врвот „Околчица“. Дел од камерите активирале снимање при детектирано движење. На една од снимките се слушаат истрели во колибата, а регистриран е и пожар во објектот. На 2 февруари, според податоците, немало повеќе траги од луѓе и возила во периметарот.
За мртвите мажи пронајдени кај „Петрохан“ е утврдено самоубиство, додека за телата откриени подоцна во кампер под „Околчица“ е констатирано убиство проследено со самоубиство, објави News.bg.
Теории, шпекулации и споредби со „Твин Пикс“
Случајот со недели ја брануваше јавноста во Бугарија и отвори бројни теории на заговор. Локалните власти го оценија како кривично дело „без преседан во земјата“. По првичните информации за пронајдените тела, Сарафов изјави дека активностите на невладината организација „не се чист бизнис“, а на забелешка од новинар дека случајот звучи како „секташка мрежа“, одговорил: „Добро ме разбравте“.
Останати видеа може да погледнете на овој Јутуб канал.
На дел од видеоматеријалите се прикажува секојдневието на ренџерите, нивното пристигнување и заминување со џипови, како и ритуал во кој учесниците клекнуваат и се поклонуваат до земја, упатувајќи молитви и благодарности.
Истраги, обвинувања и отфрлени сомнежи
Главната хипотеза на истражителите првично била дека станува збор за четири самоубиства и две убиства. Во фокусот на шпекулациите се најде Ивајло Калушев, раководител на организацијата НАЦПТ, спелеолог и ренџер кој работел во Бугарија и Мексико. Според наводите, тој со членовите патролирал во западна Бугарија во потрага по ловокрадци, нелегална сеча и можни трговци со луѓе.
Шефот на бугарската криминалистичка полиција потврди дека властите претходно соработувале со Калушев и неговиот тим. Иако членовите легално поседувале оружје, надлежните ги отфрлија тврдењата дека станува збор за паравоена структура.
По неговата смрт, лице кое како малолетник ја посетувало колибата изнесе тврдења за сексуална злоупотреба во интервју за истражувачкиот портал BIRD.bg, наведувајќи дека случајот бил пријавен во 2022 година. Неговата мајка, пак, во интервју за Јутјуб каналот „Дневен ред“ ги негирала обвинувањата и признала дека му дала финансиска поддршка, сметајќи го за „духовен водач“.
Во јавноста се појавија и теории за наводна вмешаност на нарко-картели или државни структури, но за тие тврдења не се презентирани официјални докази. Иако организацијата во изминатите години била пријавувана до институциите, не била спроведена детална истрага, а според сведоштва од блиски лица, информациите за пријавите подоцна стигнале и до самиот Калушев.
