Нелегален склад за гориво пронајден во близина на дискотеката „Пулс“

Српскиот портал Информер, чии новинари се на терен во Кочани, објави дека сопственикот на дискотеката „Пулс“, каде што во неделата загинаа 59 млади лица, поседувал и нелегален склад за гориво, кој се наоѓа на само 50 метри од објектот.

Според информациите, во земјата е затрупан резервоар со околу 10 тони нафта, а мештаните наводно ги одвеле новинарите на местото каде што се наоѓа отворот на складиштето.

„Ова е неговата фирма“, велат жителите на Кочани, покажувајќи го местото.

Обвинителството потврдува – складот постоел, истрагата продолжува

Иако оваа информација трет ден по трагедијата не беше официјално потврдена од македонските институции, по објавата на Информер, Јавното обвинителство кусо одговори дека при увидот е констатирано постоење на склад за гориво во близина на дискотеката.

„Сите околности се испитуваат“, велат од ОЈО.

Дополнително, обвинителството потврди дека во непосредна близина на дискотеката имало нелегален склад за гориво и бензинска пумпа, кои само поради среќни околности не експлодирале за време на пожарот.

Погледнете го видеото

Видео снимката од теренот, објавена од Информер, покажува каде точно се наоѓал складишниот објект и како изгледа. Македонските медиуми веќе испратија барања за повеќе информации од надлежните институции.

Продолжува истрагата за причините за трагедијата

Ова ново откритие отвора уште повеќе прашања за пропустите на надлежните институции, како и за ризикот што го носел овој нелегален склад за гориво во близина на угостителски објект со голем капацитет.

Обвинителството најави дека ќе ги испитува сите дополнителни ризици кои можеле да доведат до уште поголема трагедија во Кочани.