Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Брисел учествуваше на Советот за надворешни работи на Европската Унија, со кој претседаваше високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Проширувањето како стратешки приоритет

Во изјава пред почетокот на состанокот, Муцунски порача дека проширувањето претставува императив и за Европската Унија и за земјите кандидати. Тој нагласи дека целта е Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа и да добие јасен и кредибилен пат кон членство во Унијата.

Министерот посочи дека државата постигнала конкретен напредок во спроведувањето на реформската агенда, особено во последниот период, додавајќи дека Македонија е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Порака до земјите членки на ЕУ

„Нашата порака до земјите членки е повеќеслојна. Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување“, изјави Муцунски.

Тој потенцираше дека посебен акцент треба да се стави на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската сигурност, безбедноста на храната и дигитализацијата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Timcho Mucunski (@mucunski)

Фокус и на безбедносните предизвици

Во рамки на Советот се разговараше за односите на Европската Унија со Западен Балкан, како и за актуелните безбедносни и надворешно-политички прашања. Дел од дискусиите беа посветени и на руската агресија врз Украина и регионалните последици од глобалните случувања.

Муцунски во своето обраќање истакна дека Македонија останува доверлив партнер на Европската Унија во справувањето со геополитичките предизвици, нагласувајќи ја подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката со Унијата.