Економијата, дигитализацијата и конкретните резултати се во фокусот на посетата
Економијата, дигитализацијата и конкретните резултати се во фокусот на посетата, со јасна цел – придобивките од овие активности директно да ги почувствуваат граѓаните, порача од Дубаи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски кој заедно со претседателката Гордана Силјановска Давкова учествува на Светскиот самит за влади.
Во видео-пораката споделена преку неговиот фејсбук профил, Муцунски информира дека ќе оствари средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула, на која ќе биде потпишан меѓувладин меморандум за соработка во областа на модернизација на Владата и државната администрација.
Муцунски најавува и повеќе билатерални средби со шефови на држави и други високи претставници.
-Од денеска до четврток заедно со претседателката Гордана Силјановска Давкова учествуваме на Светскиот самит за влади во Дубаи, една од клучните глобални платформи посветени на иднината на владеењето, економијата и меѓународната соработка. Во рамки на посетата ќе остварам средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на ОАЕ шеикот Абдула, на која ќе потпишеме меѓувладин меморандум за разбирање и соработка во областа на модернизација на Владата и државната администрација.
На маргините на Самитот ќе оствариме и повеќе билатерални средби со шефови на држави и други високи претставници насочени кон продлабочување на политичката и економската соработка и унапредување на меѓународната позиција на државата. Економијата, дигитализацијата и конкретните резултати се во фокусот на посетата, со јасна цел, придобивките од овие активности директно да ги почувствуваат граѓаните, истакнува министерот во видео-пораката.
