Вулканот Таал, што се наоѓа на околу 50 километри јужно од филипинската престолнина Манила, веќе една недела исфрла отровен гас, што може да загрози речиси 300.000 луѓе и ја покри Манила и околните области со смог.
Таал се наоѓа во средина на езеро и е еден од најактивните вулкани на Филипините, земја во таканаречениот „Пацифички огнен појас“, област со исклучителна сеизмичка и вулканска активност.
Најмалку 2.400 жители од околните села веќе ги напуштиле своите домови и се засолниле кај роднините или во училишните згради затворени поради коронавирусот, а се планираат и натамошни евакуации.