Парцелите предвидени за изградба на станбени и деловни објекти Општина Аеродром ги пренамени во места за паркови и зелени површини. Минатата година најавија, а денес веќе тие најави стануваат реалност. Аеродром е прва општина која избриша маркички за изградба на згради, а на тоа место наскоро започнува изградбата на нов, модерен парк на површина од 5.700 квадратни метри.
Градоначалникот Тимчо Муцунски преку Фејсбук ја најави изградбата на новиот парк.
– Дадениот збор за мене значи многу, а јас цврсто стојам на моите ветувања, особено кога тие се поврзани со заложбите за унапредување на зеленилото, животната средина и екологијата во Аеродром.
Во близина на трговскиот центар „Лиса“, на местото каде минатата година избришавме две градежни маркички, до крајот на месецот треба да отпочне изградбата на новиот парк со најсовремен изглед и содржини за сите генерации. Тој е финансиран со средства од буџетот на Општина Аеродром, во партнерство со општествено одговорни компании кои се грижат за животната средина.
Аеродром и аеродромци добиваат уште еден зелен проект со кој сите ќе бидеме горди, парк кој е уште еден важен проект во унапредувањето на урбаното живеење и давањето придонес за чиста и здрава животна средина, напиша Муцунски.