Објавата на Муцунски ви ја пренесуваме во целост:
Денеска и официјално ја презедов градоначалничката функција во Општина Аеродром. На првиот ден заедно со инспекциските служби за животна средина спроведовме мапинг на дивите депонии во општината.
При самата посета на дивата депонија беа затечени неколку камиони од приватни компании кои носеа и истураа шут. Станува збор за локацијата кај ФФМ, каде што во програмата беше предвиден мега парк од 100.000м2 со забавни содржини, а во моментов за жал е дива депонија.
Како што ветивме и во програмата, ние се фаќаме за работа од првиот ден. Денеска бевме во обиколка со инспекциските служби на терен да ги мапираме дивите депонии кои се најгорчлив проблем за општината. На лице место денеска заедно со инспекциските служби сосема случајно затекнавме два камиони од приватна компанија, кои истураа градежен шут на местото каде сакаме ние да креираме парк.
Она што сакам да го нагласам е инспекциските служби и сите други ќе бидат ослободени од политички или бизнис притисок. Тие од денеска ќе работат согласно законите и за граѓаните. Тие имаат насока да се прекинат ваквите девијантни и противзаконски појави коишто се случуваат.
Од денеска ве уверувам дека Аеродром ќе биде општина со нула корупција и дека во Аеродром ќе владеат законите. Аеродром е општината од која ќе започнат промените на владеењето во Македонија, а местото на градоначалникот и советниците е помеѓу граѓаните!