Руски ракети и дронови го разорија главниот град на Украина

Во еден од најжестоките напади од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, руските сили во текот на ноќта извршија масовен напад врз украинската престолнина Киев, користејќи десетици дронови-камикази, крстосувачки и балистички ракети. Според официјалните информации од украинското Министерство за внатрешни работи, загинаа 14 лица, а 44 се повредени, додека се нападнати 27 локации низ градот.

„Непријателот денес не поштеди ништо – ни ракети, ни беспилотни летала“, изјави министерот за внатрешни работи Ихор Клименко, оценувајќи го нападот како еден од најразорните врз Киев од почетокот на војната.

Погледнете го видеото.

Погодена деветкатна зграда, американски државјанин меѓу жртвите

Меѓу целите на нападот беа станбени згради, образовни институции и критична инфраструктура, а една балистичка ракета директно ја погоди деветкатната зграда во населбата Соломјански. Спасувачките екипи се уште копаат по урнатините во потрага по преживеани.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека во нападот починал 62-годишен американски државјанин, кој се наоѓал во стан спроти местото каде лекарите давале прва помош. Според Клименко, причина за смртта биле шрапнели од експлозијата.

Зеленски: „Ова е чист тероризам“

Претседателот Володимир Зеленски го осуди нападот, нарекувајќи го „чист тероризам“ и повика на посилна реакција од Западот.

„Целиот свет, САД и Европа, мора конечно да реагираат како цивилизирани општества на терористите“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Шефот на кабинетот на претседателот, Андриј Јермак, на Телеграм додаде: „Уште еден руски напад со беспилотни летала врз станбени згради во Киев. Русија ја продолжува својата војна против цивилите“.

Руско Министерство: Соборивме 147 украински дронови

Од другата страна, руското Министерство за одбрана тврди дека во текот на ноќта собориле 147 украински беспилотни летала, вклучувајќи и во Московската област. И покрај неколкуте рунди разговори за прекин на огнот, конфликтот меѓу двете земји и понатаму ескалира, додека конкретни резултати се сведуваат на ограничени договори за размена на затвореници и тела на загинати војници.