Девет часа пекол над украинската престолнина

Бројот на жртви од најмасовниот руски напад врз Киев од почетокот на инвазијата во 2022 година се искачи на 21 лице, соопштија украинските служби за итни случаи. Нападот траел повеќе од 9 часа, при што биле погодени 27 различни локации низ градот. Најмалку 134 лица се повредени.

– „Вкупно 21 лице загина во главниот град, а 134 се повредени“, соопштија службите преку Телеграм.

Според украинскиот министер за внатрешни работи, Игор Клименко, цел на ракетната и беспилотната офанзива биле урбани, инфраструктурни и стратешки цели, распределени низ повеќе делови од градот.

Зеленски: „Ова беше еден од најстрашните напади“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече нападот „еден од најстрашните“ што Русија го извршила врз Киев од почетокот на широката инвазија.

– „Русија испрати повеќе од 440 дронови и 32 ракети. Ова е една од најголемите и најжестоките офанзиви досега“, изјави Зеленски.

Беспилотните летала и ракетите биле насочени не само кон објекти од воено значење, туку и кон станбени згради и јавна инфраструктура. Бројката на жртви од најмасовниот напад врз Киев можно е да расте.

Напади и во други региони – и Одеса на удар

Освен Киев, руските сили нападнале и други региони низ Украина. Во Одеса, според украинските власти, загинале две лица, а 17 се повредени. Напади имало и во регионите Суми и Херсон, каде што животите ги загубиле уште две лица.

Службите за итни случаи и спасувачките екипи сè уште ги расчистуваат рушевините и бараат преживеани. Властите предупредуваат на можно зголемување на бројот на жртви.